CARClub ТЕСТ: Chery FX Noble Color – Екстровертен и храбар!

FX е најекстровертниот модел во понудата на Chery и ги привлекува погледите со храбриот и несекојдневен дизајн. Истовремено, FX е и најмалиот во понудата на кинескиот бренд. Дали тоа знали дека нуди најамалку?

Chery на македонскиот пазар во моментов нуди три различни модели – два се поконвенционални и доаѓаат во форма на големиот Tiggo 8 Pro (нашиот тест можете да го прочитате тука) и нијанса помалиот Tiggo 7 Pro (кој го возевме на официјалната регионална презентација во Србија), додека третиот е токму моделот за кој ќе зборуваме денес – моделот кој во регионот ја носи ознаката FX.

 

 

И веднаш е јасно – со FX, Chery прецизно цели кон помладите купувачи.Дизајнот на FX го наметнува токму тоа позиционирање.

 

 

Предниот дел е широк и остар, со комплексна предна решетка и високо-поставени дневни светла. Издвоени, но сепак под дневните светла се и примарните светлосни групи, поставени на самите рабови на предниот дел. Профилот е низок и купеовски, со црн кров и комплексни, заострени линии. Всушност, целата форма на FX е остра и „наменска“ – FX треба да изгледа како да се движи дури и кога е во мирување, а целта е постигната.

 

 

Задниот дел е висок, со хоризонтални линии кои успешно ги прикриваат вертикалните димензии и наметнуваат широк и динамичен став. Ни се допаѓаат и ситните детали – како на пример дискретниот спојлер и украсните завршетоци од издувниот систем интегрирани во долниот дел од задниот браник.

 

Кога сме кај деталите – има и други интересни детали. Тука се црвените акценти на тркалата и на страничните прагови, како и црвените линии во страничните ретровизори. Некому ќе му се допаднат, некому не – но неизбежен факт е дека FX настапува самоуверено.

 

 

Изненадувачки-просторна кабина која ги следи сите трендови кон дигитализацијата

 

 

Одиме во кабината! Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува ентериер кој верно ги следи тековните трендови. Веднаш ги забележуваме одличните, профилирани спортски седишта и високо-поставениот централен гребен меѓу возачкото и совозачкото седиште. Кога ќе се сместите во возачкото седиште, ова наметнува чувство дека седите ниско и спортски.

Поврзано:  Сара Мејс станува бренд-амбасадор на Chery во Македонија
 

 

Пред возачот е поставен едноделен панел зад кој се кријат два екрани – едниот, директно пред возачот на кој се поставени дигиталните инструменти и вториот поставен над централниот гребен наменет за мултимедијалните функционалности. Веднаш под централниот екран се поставени хаптичките контроли за клима-уредот, додека под овие контроли гордо стојат два безжични полначи за паметни телефони – уште еден детал кој наметнува дека ова е автомобил наменет за помладата популација каде дигитализацијата е на прво место.

 

 

А кога сме кај дигитализацијата – FX ги има сите играчки и додатоци кои ги очекувате. Мултимедијалниот уред има можност за безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, а тука се и сите системи за асистенција кои можете да ги посакате – од системите за следење на коловозната лента, па сè до 360-степенска камера со висока резолуција и аудио-систем кој ја носи ознаката на SONY. Ќе го пофалиме и системот за гласовни контроли кој едноставно… Функционира!

 

 

Забелешки за ентериерот? Па и немаме премногу. Материјалите во кабината се прилично квалитетни а завршната обработка е на многу добро ниво. Повеќето од пластиките се прилично фини на допир, а ќе го пофалиме и отсуството на пијано-црните пластики (освен, малку нејасно за нас – на долниот дел од управувачот). Би посакале малку повеќе нагодување на управувачот по длабочина – но тоа се веќе ситници.

 

FX продолжува да импресионира и со просторната понуда. Покрај возачот и совозачот, и патниците на задната клупа ќе уживаат во комфор. Задните седишта се обвиени во истата кожа како и предните, а дури и покрај купеовската форма на кровот патниците на задната клупа ќе имаат простор како за колената, така и за главите. Всушност, ова е интересен тренд кој го забележуваме кај повеќето кинески производители – навистина знаат да го извлечат максимумот од дизајнот и да понудат просторна и комфорна кабина. Плус, панорамскиот стаклен кров овозможува многу светлина да навлезе во кабината – а со тоа уште повеќе да се нагласи чуството на просторност.

 
Поврзано:  Chery ја проширува македонската понуда со Tiggo 4 Pro


И конечно, малку и за багажникот – со исправени задни седишта неговиот капацитет е 380 литри. Преклопете ја задната клупа и ќе имате на располагање безмалку 1100 литри. Не е рекордно во класата, но сосем доволно за семејните потреби.


1.6-литарски турбо-бензинец, безмалку 200 коњски сили, автоматски менувач


Каков е FX зад управувачот? Пред да зборуваме за динамичките квалитети, да зборуваме за моторот и перформансите. Исто како и Tiggo 7 Pro и Tiggo 8 Pro, и FX е придвижуван од истиот 1.6-литарски 4-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 186 при 5500 вртежи во минута и 275 Nm вртежен момент од 2000 до 4400 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка, а резултат на сето тоа е спринт до 100 километри на час за одлични 7.8 секунди и максимална брзина од 206 километри на час.


Достапни се неколку различни режими на возење – Eco, Normal и Sport и токму во Sport режимот, FX го извлекува максимумот од турбо-бензинецот. Во секојдневно, градско возење измеривме просечна потрошувачка од ситно под 9 литри на 100 изминати километри.

Инаку, управувањето е прилично директно и прецизно, но без премногу повратни информации од подлогата. Цврстата суспензија влева доверба во талентите на FX, па кросоверот успева без приговор да ја смени насоката на движење дури и кога возите подинамично. Секако, ова не е спортско купе – сепак зборуваме за кросовер – но FX успева да понуди талентирана доза на динамичност.

Од друга страна, цврстата суспензија не резултира со некомфорно возење. Како низ град, така и на автопат, FX успева да биде мирен и тивок сопатник и да исфилтрира поголем дел од нерамнините карактеристични за нашите патишта.

Поврзано:  Сара Мејс станува бренд-амбасадор на Chery во Македонија


И пред да заокружиме, да напоменеме дека Chery е во вистинска европска офанзива. Веќе почна да се шири и низ пазарите од ЕУ, но и да ги прави очекуваните тестирања за безбедност.

ИИии погодете што – Chery Omoda 5 (името под кое FX се продава во Европа) освои максимални 5 ѕвездички на Euro NCAP тестирањата! Полека но сигурно, критиките упатени кон кинеските производители, една по една исчезнуваат.


FX е самоуверен во своите квалитети и можности


Вистината е дека FX нема да биде по сечиј ќеф. Дизајнот изнудува и позитивни и негативни рекации – но на оние на кои им се допаѓа, навистина им се допаѓа. Chery успеа истовремено да понуди избор за оние кои сакаат поконвенционален SUV, но и за оние кои сакаат нешто порадикално и подинамично. FX e екстровертен и храбар, самоуверен во своите квалитети и можности. Цели кон млади купувачи, а тоа го прави со одлични аргументи!


ИЗВОР:
https://www.carclub.mk/2023/12/21/test-chery-fx-noble-color-ekstroverten-i-hrabar/


Спецификации

Модел: Chery FX
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри во линија
Моќност: 186 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 275 Nm / 2000-4400 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.8 секунди
Максимална Брзина: 206 километри на час
Должина: 4400 mm
Ширина: 1830 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1588 mm
Тежина: 1444 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2630 mm
Багажен Простор: 380 – 1075 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Chery FX Comfort – 29.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Chery FX Noble Color – 33.400 Евра
Повеќе Информации: Гранд Ауто – (02) 3073 103


Фотографии:

Scroll to Top